Општина Ѓорче Петров прецизно ја објасни постапката за аплицирање за проектот ,,енергетски ефикасни домови”

Во Општина Ѓорче Петров се одржа работен состанок за проектот “енергетски ефикасни домови” на станбени згради за колективно домување. На состанокот присуствуваше Комисијата за спроведување на јавен повик, со повеќе потенцијални корисници на средства од страна на заедници на сопственици и управители.

 

Како што соопштија од општината, присутните беа информирани дека од досегашните апликации, нема ниту една која во целост ја има доставено документацијата која е потребна, при што од 20 апликанти, седум се во најнапредна фаза, додека на останатите 10 уште треба да се работи. Три апликации се на многу ниско ниво и во оваа фаза тешко може да бидат прифатени.

 

Од овие причини и на инсистирање на градоначалникот Александар Наумоски, Комисијата пристапи кон организирање работна средба на која уште еднаш заедно со претставници од “Хабитат Македонија” прецизно се објаснија сите фази на проектот, процедури и потребна документација.

 

Од општината информираат дека е донесен заклучок во кој се задолжија седум потенцијални корисници на средства да донесат конечна одлука за учество во проектот на кој е потребно да бидат потпишани минимум 51% од станарите, а предност ќе имаат оние апликанти кај кои овој процент е најголем и да ја достават до Комисијата и “Хабитат Македонија” со цел да се пристапи кон следна фаза. Таа фаза е конечно одобрување на поддршката од страна на општината и регулирање на процедурите, по што следи изработка на проектна документација и техничка спецификација, избор на изведувач и финална-реконструкција на фасада и кров на станбени згради во Ѓорче Петров.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.