Општина Гази Баба со буџет од 416 милиони денари за 2020

Буџетот на општина Гази Баба за 2020 година е проектиран на 416 милиони денари, распределени во повеќе буџетски програми. Според предложениот буџет се предвидуваат повеќе капитални проекти кои директно ги решаваат проблемите на граѓаните кои со години ги имаат во своите населени места, велат од Општината.

 

Сепак, првите три месеци од 2020 година, Општината ќе ги започне со времено финансирање, поради неизгласувањето на буџетот од страна на мнозинството во Советот. Тоа значи дека општината од јануари до март нема да има пари за реализација на проектите поради стапување на сила на одлуката за времено финансирање на општината.

 

Околу 83 милиони се предвидени за инфраструктурни проекти односно за изградба, ревитализација, одржување и проектирање на објекти. Изградба на улицата Јордан Пиперката, реконструкција на улицата Фуштанска, Жан Жорест, Никола Киров Мајски се само дел од улиците кои се дел од предвидената програма за изградба и реконструкција на улиците за 2020 година. Дополнително предвидени се 6 милиони денари за реконструкција на улици во Јурумлери и Трубарево каде е извршена изградба на фекална канализација, како и во новата населба Хиподром 2. Планирани се 5 милиони денари наменети за реконструкција на улици согласно утврдена листа од страна на Советот.

 

Со финансиска поддршка добиена од Владата за 2020 година обезбедени се средства за реконструкција на локалниот пат Раштак – Бутел, како и изградба на два локални патни правци во Булачани и Виниче.

 

Буџетот за 2020 на општината предвидува изградба на канализациона мрежа во населените места Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, како и продолжување со градба на канализационата мрежа во Јурумлери и Трубарево. Дополнително во капиталниот дел обезбедени се средства за изградба на монтажен паркинг во Автокоманда, изградба на велосипедска и пешачка патека поред реката Вардар од Мерцедес до Јурумлери, изградба на спортска сала во училиштата Кирил и Методиј и Наум Охридски, како и продолжување со градба на детската градинка во Стајковци.

 

Буџетот обезбедува и средства од 10 милиони денари за поставување на нови линии за улично осветлување и нивно одржување. Од Општината наведуваат дека главниот фокус на следната буџетска година е животната средина, каде се обезбедени 2 милиони денари средства на општината и дополнителни 10 милиони денари од градот Скопје, со кои ќе се уреди 15.000 метри квадратни јавен простор, како и дворовите на училиштата и детските градинки.

 

Обезбедени се 1.900.000 денари поддршка на 46 здруженија на граѓани со кои општината заеднички ќе реализира повеќе проекти од областа на животната средина. Обезбедени се 3.500.000 денари за поддршка на 29 спортски здруженија од општината во организација на спортски активности.

 

Предвидени се стипендии за талентирани ученици и спортисти, како и грантот за студенти иноватори.

 

Во програмата за културата се предвидени 3.350.000 денари за организација културни настани на повеќе локации во општината. Подготвена е и програма за одржување на објектите од домовите на култура и реализација на проекти во износ од 500.000 денари.

 

Прват со буџетот за 2020 година планирани се нови буџетски програми. Првата програма за уредување на сопственичките права на општината врз објектите во нејзина сопственост, со која општинатаобјектите кои ги има во свое владение ќе ги запише во државниот катастер. Втората за формирање на јавно претпријатие за управување со индустриската зона заобиколница, со цел долгорочен економски развој на општината и отворање на нови работни места. Третата буџетска програма за формирање на јавно претпријатие за управување со објектите за култура и спорт во општината, за нивно реконструирање и враќање повторно во функција на граѓаните.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.