На 10-ти и 11-ти мај училишен саем за насочување на младите кон машинската и енергетската индустрија

Прв училишен саем на машинската и енергетската индустрија ќе се одржи на 10-ти и 11-ти мај во СУГС,, ЕМУЦ 8-ми Септември,, кој е производ на заедничката координирана акција на стопанството, институциите, локалната самоуправа, учениците, родителите и Центарот за меѓуетничка толеранција.

 

На првиот училишен саем ќе се претстават домашни и странски компании од машинската и енергетската индустрија кои работат на територија на Општина Гази Баба, а целта е да се подигне свеста кај младите за важноста на овие струки и потребата од стручни квалификувани кадри кои се дефицит на пазарот на труд. Како што истакна на денешната прес конференција потпретседателката на Сојузот на стопански комори, Габриела Кулебанова, според истражувањето направено од страна на Центарот за меѓуетничка толеранција и Фондацијата Фридрих Еберт во 130 компании во Скопје недостасуваат 874 квалификувани кадри од машинската и енергетската индустрија, како што се заварувачи на метали, бравари, водоинсталатери, управувачи на градежна механизација, електротехничари и слично, а постои и интерес и за високостручен кадар и според тоа треба да се гледаат потребите на стопанството и правилно да се насочува кадарот, затоа што техничкиот кадар е повеќе од потребен, а младите ќе имаат сигурни работни места.

 

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски истакна дека овој саем ќе придонесе да се подигне свеста кај младите за важноста на стручното образование кое им ветува вработување веднаш по завршување на средното училиште. Тој посочи дека бројката со ученици кои се запишуваат во средните стручни училишта на територија на Општина Гази Баба е загрижувачка бидејќи во учебната 2005/2006 биле запишани 4191 ученик, додека пак во учебната 2018/2019 оваа бројка е намалена за 300% и изнесува 1340 зашишани ученици. Според податоциите со кои располагаат 409 млади лица до 29 години од Гази Баба се без работа, а се активни баратели во Агенцијата за вработување, па според него токму овој процес на дуално образование треба да даде можност оние кои бараат работа да се преквалификуваат и да се стекнат со соодветни квалификации и со тоа полесно да најдат работа.

 

Според Владо Димовски, координатор на програмата за доживотно учење на Центарот за меѓуетничка толеранција, уписната политика во образованието не вродила со плод во делот на средното стручно училиште, а нивниот предлог до министерството е намалување на учениците во гимназиите, за да се афирмира стручното образование, затоа што од нашата држава се иселуваат правници и економисти, а не машински кадри.

 

Директорот на СУГС ,,ЕМУЦ 8-ми септември,, Кенан Асани истакна дека состојбата во ова струшно училиште е алармантна затоа што има само 100 ученици од 900 и токму поради тоа, со цел да се привлечат што повеќе ученици, во преговори се со компаниите за обезбедување стипендии за учениците и загарантирано вработуување.

 

Во рамки на училишниот саем ќе бидат организирани дебати, презентации на значајни теми за недостатокот на квалификуван кадар, како и за средношколскиот стручен кадар кој е потребен на овие компании.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.