Нова градинка во Стајковци за 140 деца

Жителите на Општина Гази Баба ќе добијат нова градинка. Денеска во присуство на голем број жители беа поставени темелите на новата градинка која ќе се наоѓа во Стајковци а ќе биде со капацитет за згрижување околу 140 деца.

 

Градинката ќе има шест занимални за деца од две до шест години и една група јасли за деца до две години. Вредноста на проектот е во висина од 30 милиони денари, средства обезбедени од Oпштина Гази Баба. Изградбата на градинката треба да заврши до октомври наредната година.

 

Градоначлникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, истакна дека со изградбата на оваа градинка родителите повеќе нема да имаат потреба да патуваат со километри за да ги носат децата во градинка.

 

Градоначалникот Георгиевски најави и реконструкција и проширување на постоечките објекти со што се предвидува зголемување на капацитетот во градинките во 2019 година за нови 220 деца.

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која присуствуваше на отпочнувањето на изградбата на градинката рече дека Владата е посветена да инвестира во младите. Како што најави Царовска дополнително се работи на зголемување на кадарот во градинките бидејќи има недостиг од 2.000 воспитувачки и негователки. Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека треба да се создадат услови во сите средини подеднакво, и во урбаните и во руралните средини а граѓаните да имаат квалитетно предучилишно образование.

 

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.