Со редовни прегледи до спречување на мозочни удари

Во општина Гази Баба се одбележа светскиот ден за борба против мозочен удар.

 

По тој повод, на вработените во општината, медицински екипи им вршеа мерење на шеќерот во крвта како и на крвен притисок, а потоа од Здружението на невролози одржаа предавање за превенција и третман на мозочен удар пред нивните колеги од клиниката за Неврологија како и пред вработените од општина Гази Баба. Нивната порака беше граѓаните да одат на редовни прегледи, за да може да се спречи и ефикасно и брзо да се лечи мозочниот удар.

 

Она што би можело да се каже за мозочниот удар е тоа што може на секому да му се случи и не е проблем само на повозрасните луѓе. Поголемиот дел од мозочните удари се случуваат околу 65-тата година или подоцна, но сепак околу 10 отсто од ударите им се случуваат и на оние што сеуште не навлегле во 45-тата година и тоа почесто на жените отколку на мажите.

 

Во Америка годишно повеќе од 100.000 жени под 65 години добиваат мозочен удар. Постојат неколку причини зошто жените се поизложени на ризик од мажите. Покрај факторите на ризик што се заеднички за двата пола како што е пушењето, високиот притисок, високиот холестерол и дијабетесот, некои фактори ги имаат само жените. Еден од факторите е бременоста, особено во третиот триместар и една недела по породувањето.

 

Тоа има врска со хормоналните промени и затоа што по породувањето жените повеќе мируваат, протокот на крвта е забавен па жените се поподложни на создавање на згрутчувања.

 

Лекарите советуваат дека освен водењето здрав живот, најдобрата одбрана е да се обрнува внимание на раните симптоми и да се оди на лекар. Некои од симптомите се чувство на слабост или втрнатост на едната страна на телото, проблеми со говорот, сериозни главоболки, губење дел од видот и она што треба да се знае е тоа што појавата на некои од овие симптоми значи дека треба веднаш да се посети лекарот.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.