Најмладиот милионер во Македонија има 8 години, а најстариот 96

Најмладиот милионер во Македонија има осум години, а најстариот деведесет и шест. Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција ги презентира податоците од годишната даночна пријава за 2020 година. Искажаниот годишен бруто-доход во пријавите изнесува 331.146.120.469,00 денари, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 19.607.095.073,00 денари.

Во категоријата најмлад и највозрасен милионер, лице што се родило во 2013 година остварило доход 1.016.947,00 денари, а лице на возраст од 96 години остварило доход во износ од 4.570.535,00 денари, основот по кој овие граѓани се најдоа во оваа категоријата е поради доход остварен главно од закупнина.

Лукаревска рече дека граѓаните преку своите кориснички профили на платформата е-ПДД имаа можност пополнетата годишна даночна пријава да ја потврдат или да ја коригираат до 31 мај. По истекот на законскиот рок, годишните даночни пријави, кои од страна на граѓаните не беа ниту потврдени ниту коригирани, беа автоматски потврдени. Од тука 593.375 ГДП службено беа потврдени, граѓаните потврдија 37.294 ГДП, а коригирани се 1.832 ГДП.

Во согласност со податоците за највисоки прагови во 2020 година, 11 граѓани во 2020 оствариле над 100 милиони денари, а 557 граѓани оствариле приходи што се движат од 10 до 100 милиони денари. Кај 40.021 граѓанин утврден е бруто-доход над 1 милион денари, а 616.024 лица оствариле бруто-доход што се движи од 100 илјади до 1 милион денари.

Највисок годишен бруто-доход за 2020 година изнесува 453,1 милиони денари, а е пријавен од скопјанка. Највисоката годишна бруто-плата е остварена во индустријата со метали и изнесува 105,2 милиони денари, а исплатена му е на граѓанин од Струга. На листата на највисоко рангирани бруто-плати се најдоа и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, одгледување добиток, трговија со тутун и игри на среќа. Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 63,2 милиони денари на годишно ниво за повремено или привремено извршени услуги главно кон компанија за производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци.

Највисоката капитална добивка во износ од 151,6 милион денари е остварена од граѓанин на Скопје од продажба на сопственички удел, а највисоката исплатена дивиденда во износ од 306,3 милиони денари му е исплатена на граѓанин на Скопје, кој е сопственик на бизнис што припаѓа на дејностите на трговија со автомобили и моторни возила.

Скопјани повторно доминираат во исплата на највисок доход од самостојното вршење дејност, највисокиот изнесува 73,5 милиони денари. Во 10-те топ-рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители, угостители, електроинсталатори и производители на амбалажи од хартија.

Ресенец остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи во износ од 32,2 милиона денари.

Највисок бруто-доход од закуп и подзакуп на имот (издавање земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид имот) остварил граѓанин од Скопје во износ од речиси 50 милиони денари.

Скопјанец е прворангиран според остварен вкупно бруто-доход од авторски права и други стварни права во износ од 15,4 милиони денари, а по основ на права од индустриска сопственост граѓанин на Скопје остварил бруто-доход во износ од 9,2 милиони денари.

Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри остварил граѓанин на Тетово, чија добивка изнесува 40 милиони денари од обложување, а второрангираниот е граѓанин од Битола, кој остварил 31 милион денари исплатени од Државната лотарија на Република Северна Македонија.

Прворангираниот пензионер е од Скопје, кој пријавува странска пензија, која изнесува 5,8 милиони денари на годишно ниво.

Лице од Тетово е со највисок годишен бруто-доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурена сума во износ од 6,2 милиони денари.

Категоријата друг доход вклучува доход од разни извори, како што е доходот кој не е конкретно опишан во Законот за данокот на личниот доход и не е изземен од даночење, доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет-услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски средства, како и кусоци што не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди) и не се на трошок на платата на одговорното лице. Во оваа категорија скопјанка со пријавен годишен бруто-доход од 449,6 милиони денари е прворангирана, а граѓанин од Тетово е второрангиран со пријавен бруто-доход во износ од 247,7 милиони денари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.