(Видео) Стојаноски: Железниците во државата се во вештачка кома, вработените немаат земено плата

Железничкиот сообраќај во нашата држава ги живее најлошите години од своето постоење. Не се памети кога железниците во Република Македонија биле во олку лоша состојба, истакна на денешната прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

За жал, вели тој, на праг сме на целосно замирање на железничкиот сообраќај, а со тоа Македонија да стане единствената земја во Европа без железнички сообраќај.

„Пред 3 години со укинувањето на единствената меѓународна железничка линија Солун-Скопје-Белград, станавме меѓународно железнички изолирана земја, а сега со укинувањето на внатрешните железнички линии кон Кичево и Кочани се најавува и домашно замирање на овој превоз. Железниците во Република Македонија се во вештачка кома. Нема изградба на нови пруги, нема ремонти на постоечките пруги, нема набавка на нови возови и нови локомотиви. Буквално железниците се оставени на забот на времето“, рече Стојаноски.

„Додека вработените во железница со право реагираат и ја чекаат својата плата за месец јуни, постојано фрчат огласи за нови партиски вработувања. Раководствата вршат масовна партизација со нови кадри. Патем според информациите од Железница, голем дел од овие ново вработени земаат плата, а не даваат речиси никаков придонес во работењето. Оттука наместо по секоја основа да се намалуваат непродуктивните трошоци, власта за свои партиски цели дополнително ги оптоварува буџетите на „МЖ Транспорт АД“ и на „ЈП МЖ Инфраструктура“, додаде Стојаноски.

Потенцира дека во овој ресор нема пари за плати на вработените, а како што рече, има пари за нови партиски вработувања.

„Нема пари за изградба на пруги и набавка на нови возови, ама има пари за набавка на супер луксузни лимузини за директорите. Очигледно е дека оваа Влада предводена од СДСМ нема ниту волја, ниту има капацитет да се справува со предизвиците на железничкиот систем во нашата држава. Се покажало во минатото, секогаш кога СДСМ е на власт железницата стагнира.Наместо да спроведуваат проекти за подобровање на железничкиот сообраќај тие размислуваат како побрзо да ги продадат и да се оттарасаат од железниците“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.