Потпишани договорите од вториот повик за млади земјоделци

Денеска започна потпишувањето на договорите за мерката „Помош за млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“. Финансиската поддршка за оваа мерка е до 10.000 евра во форма на грант, а вкупно ќе бидат потпишани 102 договори.

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, посочи дека со оваа мерка се излегува во пресрет на младите земјоделци кои имаат желба да се занимаваат со земјоделство, да инвестираат во сопственото земјоделско производство и да започнат свој бизнис.

 

„Младите луѓе во руралните средини се нашиот главен приоритет и работиме посветено на поголема поддршка за нивниот развој. Со поддршката на младите, ќе се придонесе за развој на руралните средини, вработување преку отворање на соствен бизнис на младите луѓе, внесување на нови и модерни технологии, што крајно ќе резултира со зголемено земјоделско производство“, изјави министерот Димковски.

 

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека проекти и бизнис планови од млади земјоделци има во сите региони, проектите се од различни области.

 

„Со задоволство можам да кажам дека за разлика од минатиот оглас на овој сега има мошне креативни идеи за развој на нови бизинси во агро – секторот а кои ќе бидат менаџирани од млади. Сретствата се неповратен грант а со овие пари апликантите ќе набават: сенопревртувачи, машина за нижење на тутун, млин за сточна храна, машина за извлекување на коски од сува цреша, комплетна опрема за пчеларство, собирач за лешници, апарат за тресење на сливи“, изјави Бабовски.

 

На двата повика за млади земјоделци објавени досега, склучени се 526 договори за инвестиции. Со последните измени на Законот за земјоделство и рурален развој, финансиската поддршка за новиот оглас што ќе се објави следната година, се зголемува на 20.000 евра.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.