Промовирана веб-платформа за споредба на цените на струјата

Регулаторната комисија за енергетика ја промовира првата веб-платформа за споредба на цени на македонскиот пазар на мало со електрична енергија, Switch.mk.

 

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека Северна Македонија е првата држава во рамки на Енергетската заедница која воведува ваква функционална алатка. Тој посочи дека обврската за овозможување на ваков вид на веб базирани алатки наменети за потрошувачите е наведена во новиот пакет на ЕУ легислатива за електрична енергија, усвоен во мај оваа година.

 

„Switch.mk е наменета пред сé за малите потрошувачи и домаќинствата и има за цел да им помогне при нивниот избор на снабдувач со електрична енергија. Веб платформата е достапна на три јазици, македонски, албански и англиски јазик. Тука потрошувачите може да направат споредба на достапните понуди од страна на активните снабдувачи на пазарот на мало со електрична енергија, односно да добијат јасни, сеопфатни и ажурирани информации за цените на електрична енергија, периодот на траење на договорот за снабдување, фактурирањето, како и другите услуги поврзани со снабдувањето со електрична енергија“, појасни Бислимоски.

 

Додаде дека платформата нуди и други корисни информации за потрошувачите, со цел подобро разбирање на тоа како функционира пазарот на електрична енергија, кои се нивните права и обврски, како да се заштеди енергија и др.

 

Бислимоски истакна дека снабдувачот не може да склучи договор со потрошувачот по цена и под услови понеповолни од објавените на платформата.

 

Платформата овозможува прикажување индикативна крајна цена за електрична енергија од секој снабдувач и за секоја објавена понуда, а во прикажаната индикативна крајна цена за електрична енергија, заради поедноставување на пресметката, не е вклучен надоместокот за јавно осветлување утврден со закон.

 

Од моментално објавените понуди за оваа категорија на потрошувачи може да се забележи дека разликата од најниската до највисоката понуда е дури 28%, што, како што рече Бислимоски, укажува дека постои значителен потенцијал за заштеда на средства за компаниите, средства кои може да ги алоцираат за други развојни потребни на својот бизнис, за отворање на нови работни места, за зголемена ефикасност и конкурентност.

 

„Сепак, тука би истакнал дека слободата на пазарот подразбира дека двете страни треба да поседуваат волја и интерес за да влезат во одреден договорен однос. Снабдувачите со електрична енергија на слободниот пазар имаат право да изберат со кој потрошувач ќе склучат договор, односно тоа значи дека за одредени потрошувачи можно е да нема соодветни понуди на слободниот пазар.

 

За домаќинствата на пример, кои исто така со новиот Закон за енергетика од минатата година се стекнаа со правото за избор на снабдувач, до овој момент, освен од универзалниот снабдувач, не се објавени други понуди“, кажа директорот на РКЕ.

 

Појасни декатоа е од причина што во оваа фаза од реформата, снабдувачите на слободниот пазар сеуште не можат да понудат пониски цени од регулираната цена на електричната енергија за домаќинствата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.