Усвоени измените на Законот за виното, се олеснуваат условите за производство на вино во малите семејни винарници

Собранието на Република Северна Македонија попладнево го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за виното.

 

„Со новите законски измени, кои се правени во соработка со Здружението на малите винарници, Здружението на винарските визби и лабораториите што прават анализи за грозје и вино, се овозможува олеснување на условите за производство на вино на малите винарници и на физичките лица производители на вино, што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам. Истовремено, олеснувањето на условите кај малите винарници нема да се одрази на квалитетот на виното, односно се однесува на условите поврзани со самата винарница, а постапката за добивање решение за пуштање во промет на виното останува иста, без разлика во каква винарница е произведено виното. Сите измени се во насока на остварување поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив. Со некои од измените, на малите винарници, кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно, им се дава можност да работат со ангажирање енолог со договор, а не како досега да мора да имаат вработено дипломиран енолог, додека физичките лица ќе може да произведуваат вино со завршено средно образование“, се наведува во соопштението од Министерството за земјоделство и шумарство.

 

Во насока на зголемен и побрз пласман на виното се наведува дека се менуваат и условите што треба да ги исполнуваат лабораториите што се овластени за вршење физичко-хемиска анализа на виното, односно се доуредува и уверението од физичко-хемиската анализа на виното што тие го издаваат. Како што се додава, се подобруваат процесите и процедурите за анализа на виното и тие ќе се приспособат на условите за анализа на виното, кои се во сила во Меѓународната организација за лозарство и вино (ОИВ) и ЕУ.

 

Исто така, се врши и усогасување со новиот закон за прекршоци, со што казните и глобите за прекршоците значително се намалуваат и тие се применуваат пропорционално во зависност од големината на правниот субјект (помалите винарници и физичките лица плаќаат помали казни). Се создаваат услови за пообјективно пазарно опкружување, кое ќе доведе до зголемена продажба на вино од земјоделското стопанство и позитивно ќе влијае на развојот на винскиот и руралниот туризам.

 

Со предлог-законот се уредува и олеснување на условите за производство на вино во исклучително неповолни години (екстремно ниски температури во текот на годината и вегетативниот период на виновата лоза), област што не е регулирана во постојното законско решение.

 

Сите горенаведени решенија во предлог-законот се во насока на зголемување и олеснување на производството и пласманот на виното, диверзификација на понудата на пазарот и развој на руралниот и винскиот туризам.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.