ССНМ: Најавата за згаснување на весникот „Независен“ уште еден удар за медиумските работници

Најавата за згаснување на весникот „Независен“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја смета за уште еден удар како врз медиумските работници во Македонија, така и врз целокупниот медиумски пазар на труд.

 

„ССНМ по потврдата од менаџментот дека весникот 'Независен' утре нема да излезе, со жалење констатира дека тоа значи останување без работа на повеќе од 20 новинари и медиумски работници, со што уште повеќе се продлабочува и онака лошата социјално-економска состојба на новинарите во Македонија“, се наведува во соопштението.

 

Останувањето на новинари и медиумски работници без работа, велат од ССНМ, значи потрес за медиумскиот сектор во земјава каде се зголемува понудата на работна сила, а се намалува побарувачката што за новинарите значи помала сигурност и поголем притисок.

 

Од Синдикатот велат дека затворањето на „Незвисен“ покажува и колку е кревок овој сектор и условите во кои работат новинарите и медиумските работници, во секојдневен страв за своите работни места.

 

Истовремено ССНМ укажува на тенденциите кои велат дека професионалните редакции кои се држат до професионалните стандарди и етичкиот кодекс на новинарите сè помалку можат да опстанат на пазарот и апелира за забрзување на медиумските реформи кои би опфатиле овозможување поддршка односно субвенции за медиумите кои професионално и објективно известуваат.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.