Самит на слободни зони: Технологија и промени за атрактивни инвеститори

Во некои земји веќе може да се основа компанија и преку мобилен телефон. Современата технологија треба да се користи за да се комуницира со инвеститорите и нивно привлекување во слободните економски зони. Тие треба да се фокусираат на младите претпримачи  на идните мали и средни фирми коишто веќе сочинуваат три четвртини од сите инвеститори во слободните зони, беше истакнато на денешниот Европски самит на економски зони во Скопје.

 

Учесниците на самитот оценија дека на слободните економски зони им е потребен нов модел за функционирање, привлекување мали и средни фирми од високата технологија, понуда на најразновидни услуги за инвеститорите и добра средина за работниците, а не само даночни ослободувања. Клучен предизвик останува обезбедувањето квалификувана работна сила.

 

Во светот функционираат 2.600 слободни зони во 165 држави, а  сертификатот на безбедни зони што го доделува Светската организација на слободни зони гарантира дека во нив се почитуваат меѓународните стандарди.  – Со тие документи се побива имиџот дека зоните се места во кои секој прави што сака, и се привлекуваат атрактивни инвеститори, рече Мохамед Ал Зарони од Светската организација на слободни зони.

Според извршниот директор на оваа организација Самир Хамруни, концептот за кој ќе се залагаат е зони на иднината коишто ќе ги подобруваат економиите, ќе отвораат работни места, ќе носат инвеститори и постојано ќе се подобруваат.

 

-Слободните зони треба да дадат повеќе – да бидат најдобри во класата, да понудат иновации и одржливост. Новите инвеститори доаѓаат со нивна технологија и знаење и треба да му помогнеме на нашето општество да извлече корист од тоа. Сакаме зоните да бидат транспарентни и безбедни за добра, лица, средства и за интелектуална сопственост. Не може да управуваме со економска зона од иднината со технологија од денешницата, рече Хамруни.

Драган Костиќ, директор на Слободната економска зона во Пирот,  смета дека мора да се промени моделот на  слободните зони и тие да се подготват за идната индустријализација, меѓу останатото и со меѓусебно  вмрежување и нудење најразновидни услуги за инвеститорите.  – Не треба да се нудат  само даночни услуги, туку и деловни услуги, услуги за поддршка, центри за корисничка поддршка, за маркетинг и услуги за знаење, инфраструктурни услуги, логистика, дистрибуција, транспорт, интернет дата центри, рече Костиќ.

Не е доволно, наведе, да се понуди само нула проценти данок. Една од можностите  е синергија на сите модели на слободни зони односно на слободните трговски зони, зони за извоз и специјални економски зони и тој концепт веќе дава резултати во некои држави.

Вицепремиерот за економси прашања Кочо Анѓушев се согласува дека предизвик во иднина ќе биде како зоните да се  искористат за да се привлечат странски директни инвеститори кои ќе бидат со повисок степен на технолошки равзој, а не  само да вработуваат евтина работна сила.

 

 

Тој оцени дека проблемот со квалификуваната работна сила е ограничувачки фактор за развој на економијата генерално, бидејќи структурата на невработените не одговара на реалните потреби на пазарот.

 

 

Нашата политика треба да ја прилагодиме на реалната ситуација која е резултат на долгогодишниот девастиран образовен систем и потреби се мерки за преквалификација и промена на образованиот систем кој ќе биде адаптиран. Во меѓувреме мора да обезбедиме услови, треба да бараме странски директни инвеститори кои ќе бидат не со масовни вработувања на  5 000 – 6 000 лица, бидејќи такви веќе и немаме, туку ќе бидат странски инвеститори со сериозно влијание на економијата и ќе нудат производи со поголемо технолошко ниво, повеќе ќе соработуваат со домашанта индустрија и ќе вработуваат едуцирани кадри, рече Анѓушев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.