Бизнис форум – Добрите меѓудржавни односи се позитивни и за економијата

За развој на економијата неопходно е владение на правото и стабилна политичка ситуација. Ако потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија на 1 август 2017 година беше прв чекор за создавање стабилна политичка ситуација тогаш денешниот форум нека биде прв чекор за најавување економскиот раст во Македонија, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на отворањето на бизнис форумот на македонски и бугарски компании насловен „МК-БГ 2019" што денеска се одржува во Скопје на негова и на иницијатива на потпретседателот на Советот на министри на Бугарија, Томислав Дончев.

 

На првиот бизнис форум по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка  учествуваат околу 200 компании од двете земји, а во бугарската делегација има и претставници на 54 фирми, како и директори и градоначалници на општините од пограничниот регион со Македонија.

 

-По потпишувањето на договорот со Бугарија размената меѓу двете земји во 2018 година достигна до 695,2 милиони долари и тоа е раст од 16,95 отсто во споредба со 2017 година. Мислам дека нема подобар сигнал и доказ дека стабилизирањето на односите помеѓу државите даваат ефект и во економијата, рече Анѓушев.

 

Тој посочи дека двете држави ќе бидат посветени на решавање на инфраструктурните проблеми, како и на олеснување на административните бариери за подобар бизнис и проток на стоки и луѓе.

 

На бизнисмените им порача дека во наредниот период ќе се интензивира изградбата на експресниот пат од Куманово до границата со Бугарија, како и изградбата на првата фаза од железницата кон Бугарија на делот од Куманово до Бељаковце. Веќе се тендерира втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка во вредност од 147 милиони евра за која е добиен и грант од 68 милиони евра, а проектирана е и третата делница од Крива Паланка до Ѓуешево во вредност од 350 до 400 милиони евра за која е обезбеден ист грант од 68 милиони евра преку Вест Балкан инвестмен фондот. На денешната средба со Дончев, како што истакна, станало збор и за заеднички царински премин, како и за подобрување на соработката во енергетиката каде веќе е потпишан договор за заедничка берза на електрична енергија, а во зачеток се и разговори за учество на Македонија во изградбата на бугарската нуклеарна електрана Белене.

 

Бугарскиот вицепремиер Дончев посочи дека политичките напори што ги прават двете земји веќе даваат резултати и има зголемување на заемните инвестиции во двете земји и на бројот на туристи, а тоа е особено изразено по потпишувањето на договорот во 2017 година.

 

-Ние сега треба да утврдиме кои се пречките за натамошно подобрување на меѓусебната соработка и да ги отстраниме. Во таа насока ја разгледуваме опцијата за заедничка гранична контрола при преминувањето на државната граница меѓу двете земји што би го забрзало протокот на стоки и луѓе, рече Дончев.

 

Тој посочи дека е убеден оти добрата соработка ќе има ефекти во наредниот период и посочи дека меѓусебната размена  од околу 730 милиони евра не е доволна и во следните неколку години треба да се зголеми за 50 отсто и повеќе. – Се што зависи од Бугарија ќе биде исполнето, вети Дончев.

 

Заменик министерот за економија Кире Наумов посочи дека Бугарија беше шестти најголем трговски партнер на Македонија во 2016 година, а лани го зазеде петтото место.

-По потпишувањето на договорот со Бугарија се зголемува бројот на туристи од Бугарија во Македонија и обратно. Лани Бугарија ја посетиле 88.247 македонски граѓани кои оствариле близу 250 илјади ноќевања, а во Македонија престојувале 41.399 бугарски туристи кои оствариле 70.356 ноќевања. Имаме намера заеднички да привлекуваме туристи од трети земји, бидејќи можеме да им понудиме различни нешта. Македонија нема море, но има езера, а Бугарија има море, рече Наумов.

 

Неговиот бугарски колега Александар Манолев, пак, посочи дека размената меѓу двете земји лани изнесувала 723 милиони евра од кои 400 милиони биле извоз од Бугарија во Македонија, а 323 милиони увоз. Тој на македонските стопанственици им ги претстави предностите што им се нудат за инвестирање во Бугарија и додаде дека во последните години во Бугарија има странски директни инвестиции во вредност од 20 милијарди евра.

 

На малите и средните прептријатија од двете земји им порача дека мораат да бидат извозно ориентирани и да произведуваат производи со додадена вредност и додаде  дека не може да бидат богати доколку продаваат евтини производи.

 

Во рамки на форумот се одржуваат Б2Б средби меѓу бизнисмените од двете земји.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.