Работилница во Охрид посветена на можностите за финансирање што ги нуди ЕУ

Во Охрид денеска се одржа една од деветте работилници што Делегацијата на Европската унија ги организира низ градовите во Македонија посветени на можностите за финансирање што ги нуди ЕУ и начините како да се користат.

 

За оваа година за финансирање најразлични проекти што имаат за цел подобрување на севкупното живеење во општините надвор од главниот град се обезбедени 90 милиони евра. Тоа се средства различни од оние наменети за финансирање регионални проекти, ниту оние средства што се обезбедени преку централната власт, а за реализација на локални проекти.

 

- Нема ниту една општина во земјата што не добила средства за реализација на барем еден проект. Најдобри примери во земјата се Куманово, Битола, општини што преку наши фондови реализирале 30-40 па и повеќе проекти, но има и општини каде нивото на алоцирани средства е навистина ниско. Се надеваме дека преку овие работилници тоа ќе биде подобрено, односно дека се повеќе општините со добри примери ќе се изборат за финансирање свои проекти, рече Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на Европската унија.

 

Бертолини пред учесниците на работилницата појасни дека со исклучок на малубројните примери на хуманитарна помош, целта на овие фондови е да се даде поддршка на проекти што ќе придонесат за подобрување на стандардите во земјата, за севкупно подобрување на условите за живеење и на тој начин земјата ќе биде подготвена за членство во ЕУ кога ќе дојде време за тоа.

 

- Проектите се дополнителни активности насочени кон подобрување на вашиот секојдневен живот во заедницата во целина, тие треба да го изменат вашиот живот, но не да станат ваш живот...Не постои пречка добар проект што е од полза на заедницата, насочен кон подобрување на средината во која живеете да не биде финансиски поддржан од нашите преку 30 фондови, истакна тој, посочувајќи примери за тоа какви се проекти се очекуваа од апликантите да понудат за да добијат финансиска помош обезбедена преку претпристапните фондови.

 

Бертолини рече дека 40 проценти од програмите на ЕУ се наменети за финансирање проекти на локалните самоуправи. Моментално преку фондовите на ЕУ во Македонија се финансираат 351 проект од кои половината се реализираат надвор од главниот град. 

 

- Она што некако недостасува е иницијатива на самите општини за подобрување на животниот стандард. Постои и културолошки проблем за кој ќе дискутираме тука, во смисла на неажурност на администрацијата на локално ниво преку добро осмислени проекти да дојде со средства преку нашите фондови, рече Бертолини, изразувајќи уверување дека ситуацијата ќе се подобри после спроведувањето на предвидените работилници ширум Македонија.

 

Што се однесува на одредени забелешки на апликантите за сложеност на процедурите, обемна документација што се бара од подносителите, Бертолини истакна дека тоа е така се со една цел, да се обезбедат услови средствата да бидат потрошени за она што во прва рака и биле одобрени.

 

Истражувањата спроведени минатата година покажале дека на четири од десет тендери распишани од страна на локалните самоуправи за финансирање одредени проекти се јавиле една или во одредени случаи ниту една компанија, што според Бертолини претставува предупредување дека се работи за „наместени“ тендери. 

 

- Навистина процедурите се комплицирани, но сето тоа е во насока за да се спречат какви било злоупотреби. Сметам дека и оваа работилница е во насока на појаснувања до потенцијалните апликанти, пред се локалната администрација која во повеќето општини е прилично пасивна, како да ги активира сите расположиви ресурси за да обезбеди средства за конкретни проекти што заслужуваат поддршка, рече Бертолини. 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.