Општина Аеродром со околу 1 милијарда денари Буџет за 2019 година

Советот на Општина Аеродром на последната седница го изгласа буџетот за 2019 година во износ од околу една милијарда денари, известуваат од општината.

 

Општина Аеродром, како што соопштуваат оттаму, во 2019 година ќе се фокусира кон заштита на животната средина и кон преземање повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето. Една од главните цели наредната година ќе биде подобрување на условите во образованието, грижата за младите и за ранливите категории.

 

- Во таа насока, ќе се проширува основното училиште „Лазо Ангеловски“ со дополнителни училници, во две основни училишта е планирана изградба на лифтови за деца со посебни потреби, во неколку училишта ќе се постават и пристапни рампи, а за најмалите е планирана изградба на нова детска градинка. Општина Аеродром во 2019 година ќе им додели парични награди на најдобрите ученици и наставници.

 

- Се планира и набавка на прочистувачи на воздух за училниците во кои се одвива целодневна настава, додека во училиштата што се греат на нафта ќе се воведе систем за греење со котел на пелети, каков што беше поставен во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од оваа грејна сезона, велат од општина Аеродром.

 

Како што се наведува во соопштението од општината, буџетот за 2019 година предвидува средства за ангажирање фирма што ќе се грижи за одржување на јавната чистота, а ќе се зголеми и бројот на сезонските работници.

 

Во делот на заштита на животната средина, оттаму велат дека се предвидени субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци, за велосипеди и за инвертер клима-уреди, набавка на мерачи за испитување на квалитетот на воздухот, како и проект за собирни центри за селектирање отпад.

 

Но, сепак, посочуваат дека приоритет ќе се стави на покревање нови површини со зеленило, и тоа преку изградба на четири нови парка и реконструкција на два постојни, како и натамошно садење нови високостеблести дрвја.

 

Општина Аеродром во 2019 година продолжува со инфраструктурниот развој, при што ќе се изградат сервисни улици и паркинг-простори во населбите Мичурин, Стар Аеродром и Ново Лисиче, водовод, атмосферска и фекална канализација, како и реконструкција на јавното осветлување.

 

Буџетот за 2019 година, како и лани, изработен е според предлозите и потребите на граѓаните, се наведува во соопштението на Општината.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.