Претставата "Дони Дарк" премиерно утре во Театар Комедија

"Дони Дарк"

Новата сезона во Театар Комедија започнува утре со премиера на претставата "Дони Дарк" во режија на Роберт Ристов. Претставата ќе се одигра со почеток од 20 часот на реновираната мала сцена која е со капацитет од 70 гледачи.

 

Станува збор за романтична комедија која говори за млад човек со дисфункција на сетилото за вид и процесот во кој тој се осамостојува од семејството и проблемите кои ги надминува тој и неговото семејство во тој процес. Ова е магистерска претстава во режија на Роберт Ристов дипломиран драмски актер со богат актерски опус. Изборот на овој текст, со ваква содржина за магистерски труд не е случаен. Неговото долгогодишно искуство во работата во ранливи групи на деца и возрасни го прави целосен во однос на себепронаоѓањето во овие сфери на дејствување и претставува важен дел од неговата животна мисија.


Насловниот лик ќе го игра Даријан Петров, студент на трета година на Универзитетот ЕСРА. Тој истакна дека улогата е комплексна за подготовка и неколку месеци работеле напорно.


Покрај Даријан Петров, во актерската екипа се и Мирјана Поповска-Ристов, Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски, кој е нов член на ансамблот во Театар Комедија и негов уметнички директор. Сценографијата е на Инес Петрова-Бошкоска, костимите ги изработи Елена Лука, изборот на музиката, претежно класични нумери, како и една авторка тема, се на Гаро Тавитијан, а во живо на виолончело ќе ги изведува Дејан Цветковски.

 

Новото раководство на Театар Комедија - директорката Мирјана Поповска-Ристов и уметничкиот директор Сашо Ристовски, со оваа претстава почнуваат да пропагираат еднакво општество и влез во театар за сите. За таа цел за влегување во театарот се направени пристапни патеки за лица со инвалидски колички, за што од "Полио плус" театарот добил признание - знаменце за пристапност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.