Руска алтернативна монодрама вечер на „Битола Шекспир фестивал"

„Битола Шекспир фестивал"

Монодрамата „Сонот на Хамлет“ на Академскиот драмски театар од рускиот град Владимир вечер во Народниот театар во Битола ќе биде изведена во рамки на 5.Интернационален театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“.

 

Претставата е во режија на Линас Мариус Заикаускас, а во неа учествува актерот Александар Аладишев. Станува збор за алтернативна камерна претстава по мотиви од трагедијата „Хамлет“ на Шекспир, која низ современа призма, ги обработува настаните после смртта на Хамлет.

 

Аладишев на средбата со новинарите истакна дека претставата „Сонот на Хамлет“ е креирана од интернационална екипа, а својата руска премиера ја имала во март годинава. Автор на делото е познатата театарска критичарка и драматург Нина Мазур, која има одлична соработка со овој театар. Аладишев појаснува дека во камерната претстава која за разлика од класичната поставка на Хамлет, е многу модерна, карактерите со Хамлет зборуваат преку скајп. Тој изрази задоволство што оваа доста интересна претстава ќе се прикаже пред битолската јавност, а не го криеше и своето задоволство што токму од Република Македонија потекнува и режисерот Иван Поповски чија претставата „Сон на летната ноќ“ минатата година беше прогласена за најдобра театарска претстава во Руската Федерација.

 

Академскиот драмски театар „Владимир“ е една од најстарите театарски институции во Русија, со традиција од повеќе од 170 години. Театарот е добитник на значајни театарски награди кои се доделуваат во Русија, но и ширум светот. На секои две години во театарот се одржува серуски театарски форум каде се презентираат најдобрите претстави во Русија.

 

На програмата на „Битола Шекспир фестивал“ утре е претставата „Ричард Трети“ во режија на Пламен Марков во изведба на Театарот од Штип, додека во вторник на репертоарот е претставата „Хамлет – стапица“ во режија на Куандик Касимов, во изведба на Казак Драмски театар од Караганди, Казакхстан.

 

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.