Градот воведе зонско паркирање на Средно Водно

Средно Водно

Откако подолго време угостителите лоцирани на Средно Водно се жалат на лоша заработка поради забраната за движење на моторни возила на Водно, за време на викенди и празници, Градот Скопје одлучи да ја преиспита одлуката која беше донесена во ноември минатата година.

 

Имено, како што тогаш објаснуваше градоначалникот Петре Шилегов, оваа забраната за движење на моторни возила имаше за цел да го намали загадувањето на воздухот, и да го намали метежот, од паркирани возила. За воља на вистината метеж на Водно повеќе нема, но нема ниту рекреативци, што директно удри по џебот на стопанствениците.


Од одлуката на Градот, не беше поштедена ниту црквата Св. Мала Богородица, која опстојува од самофинансирање. Пред два месеца, Перо Митровски домаќин на црквата, со жалење раскажуваше дека во последниве месеци, не се случила ниту една венчавка ниту кршевка, што го отежнува одржувањето на божјиот храм.


И по многу упатени апели, градската власт наместо со забрана за движење, метежот на Водно одлучи да го намали со воведување на зонско паркирање. Имено, на седница на совет беше утврдена цената за паркинг услуга на Средно Водно, во рамки на зоната А0. Цената за еден час паркинг ќе изнесува 100 денари по час, а секој нареден час по 50 денaри.


Го прашавме Горан Арсовски, сопственик на ресторанот К'на Старо Скопје, дали е задоволен од одлуката на Градот, на што тој вели дека 100 денари за еден час паркирање е прескапо. А, неговиот став го делат од граѓаните кои ги анкетиравме.


Зоната А0, покрај за Средно Водно ќе важи и за Скопското Кале.


Досега ЈП „Градски паркинг“ немаше А0 зона, а во А зоните беше дозволено паркирање од најмногу два часа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.