Доцни новогодишното украсување во Скопје

Новогодишно украсување на Скопје

Само дваесетина дена не делат од дочекот на Новата година, а македонската метропола и тоа како заостанува над европските, во однос на новогодишното украсување на улиците и плоштадите. За разлика од минатите години, кога уште на почетокот на декември Скопје светнуваше во новогодишни бои, оваа година, само сивилото од загадениот воздух е присутно во градот.


На плоштадот Македонија и главните улици низ центарот на градот нема ниту еден новогодишен украс, ниту пак екипи работат на поставување на украсите и елките.


Запрашан дали Скопјани ќе имаат можност да уживаат во новогодишен амбиент, градоначалникот Петре Шилегов вели дека градот ќе се украсува, а украсувањето се очекува да започне денеска или утре. Она што ќе изостане оваа година е спектакуларниот огномет, а од буџетот на Градот за новогодишно украсување ќе се издвојат околу 5 милиони денари.


Ниту скопските општини досега не почнале со украсување на главните улици и плоштади на нивната територија, за разлика од минатите години кога речиси сите општини издвојуваа пари за поставување на новогодишни елки и украси. Градоначалниците на општините Аеродром и Карпош Златко Марин и Стефан богоев информираат дека во план е да се украсат големите булевари во општината, додека градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, информира дека во оваа општина нема да има новогодишно украсување.

 

Пред еден месец градоначалникот Шилегов изјави дека оваа година нема да има новогодишна прослава а предвидените пари, околу 50.000 евра да се донираат на Детската болница Козле.


И општина Ѓорче Петров пак, информираа дека оваа година, наместо прослава, општоната одлучила средствата да ги намени за купување на новогодишни пакетчиња, кои ќе им бидат подарени на првооделенците од сите училишта од општината.


Во однос на украсувањето на општината, ќе бидат опфатени повеќе локации, меѓу кои улиците “Ѓорче Петров”, Партизански одреди до “СП Планет”, двата кружни текови, паркот и споменикот на Ѓорче Петров.

 

Елизабета Дамјаноска Спасеновска





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.