Општина Центар започна со активностите за изградба на новопроектирана улица, крак на ул.Максим Горки
Во општина Центар денеска започнаа градежните работи за изведба на нова улична мрежа на крак на улицата ,,Максим Горки,,.
Кракот ќе се протега од завршетокот на постојната улица Максим Горки, се до новата катна гаража кај МЕПСО. Изградбата на овој крак опфаќа комплетно нова фекална и атмосферска канализација, асфалтирање во должина од 254 метри, ширина од 7 метри и поплочување на пешачки патеки со павер елементи со ширина од 2 метри.
Покрај подобрување на функционалноста на улицата, ќе се направи и хортикултурно уредување на истата, а градоначалникот Тодоровиќ упати апел до граѓаните за разбирање што во наредниот период во овој дел од градот поради градежните работи просторот ќе биде неуреден.
Градежните работи поврзани со асфалтирање на улицата ќе ги изведува градежната фирма ,,Гранит,,, фекалната и атмосферската канализација е во изведба на ,,Беграмо,,, а поплочување на пешачките патеки ќе го врши ,,Анизор,,. По должина на целиот крак ќе биде изведено комплетно осветлување, а неговата изведба ќе ја врши ,,Елтра,,.
Вкупната инвестиција ќе изнесува околу петнаесет милиони денари, средства одвоени од буџетот на општина Центар, а со комплетното хортикултурно уредување и осветлување оваа сума ќе достигне и до 20 милиони денари.
Изградбата на улицата е предвидено да трае 3 месеци.


