ОУ Вера Јоциќ победник на турнирот во футсал за девојчиња
Поволните временски услови придонесоа да се вратат и спортистите и учениците во спортските сали и да ги продолжат своите натпреварувања во повеќе спортови.
За таа цел сојузот за училишен спорт на општина Гази Баба донесе решение да се одиграат натпреварите во футсал, ракомет и одбојка за девојчиња во општината.
Минатиот викенд се одиграа натпреварите во футсал кај девојчињата. По одиграните 9 натпревари во борба за третото место се сретнаа ОУ Кирил и Методиј и ОУ Крум Тошев, а за првото место играа ОУ Наум Наумовски Борче и ОУ Вера Јоциќ.
Па така ОУ Кирил и Методиј го освои третото место, со победата од 3-0 против ОУ Крум Тошев, а ОУ Вера Јоциќ по подобро изведување на пеналите со 5-3 го победи ОУ Наум Наумовски Борче и го освои првото место на турнирот.
Овој викенд продолжуваат натпреварите од училишните спортски лиги во oпштина Гази Баба каде на програмата во сабота на 25 февруари се натпреварите во одбојка кои започнуваат во 9 часот.
Истите ќе се одиграат во новата спортска сала во ОУ Крум Тошев.
Следниот викенд се финалните натпревари во ракомет кои исто така започнуваат во 9 часот, а ќе се одржат во спортската сала Методија Андонов Ченто.
На овие турнири учествуваат околу 500 ученици од основните училишта од подрачјето на општина Гази Баба.


